Штип оваа година повторно ќе биде центар на добрата музика, забавата и традицијата. На 19 септември, Градскиот стадион ќе биде местото каде што ќе се одржи една од најочекуваните музички вечери во рамки на „Штипска Пастрмалијада 2026“.
Пред штипската публика и гостите од цела Македонија ќе настапи регионалната музичка ѕвезда Жељко Јоксимовиќ – автор и изведувач чии песни со години ги освојуваат срцата на публиката ширум Балканот.
Со своите големи хитови, препознатливиот вокал и концертната енергија која ги обединува сите генерации, Јоксимовиќ ќе приреди вечер исполнета со емоции, врвна музика и моменти кои долго ќе се паметат.
Минатогодишното издание на „Штипска Пастрмалијада“ покажа дека Штип знае да создава големи манифестации и да понуди незаборавни искуства за посетителите. Годинава организаторите најавуваат уште побогата програма и нови изненадувања.
Настапот на Жељко Јоксимовиќ е само првиот дел од музичката понуда за „Штипска Пастрмалијада 2026“. Останатите изведувачи и целосната програма ќе бидат објавени во наредниот период.