Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, упати покана до сите иселеници од Македонска Каменица да бидат дел од овогодинешниот Ден на дијаспората, кој ќе се одржи на 9 август 2026 година.
Во својата порака, Стаменкова ги повика сограѓаните кои живеат и работат надвор од татковината да дојдат во родниот град, да ги обноват пријателствата и заедно да разговараат за иднината на Македонска Каменица.
Таа истакна дека знаењето, искуството и љубовта на иселениците кон родниот крај претставуваат голема вредност и важен двигател за развојот на општината.
За оние кои нема да бидат во можност лично да присуствуваат, градоначалничката упати повик да испратат кратка видео-порака со поздрав, која ќе биде дел од програмата, со цел и тие симболично да бидат вклучени во одбележувањето на Денот на дијаспората.
Настанот ќе започне во 18:00 часот на улицата „Александар Македонски“, каде иселениците, граѓаните и гостите ќе имаат можност за дружење и заедничко одбележување на манифестацијата.