06.08.2026

Општината започнува засилени контроли за јавна чистота и ред

Share

Општина Македонска Каменица ја известува јавноста дека во наредниот период ќе се спроведуваат засилени инспекциски контроли на целата територија на општината, согласно важечката законска регулатива и надлежностите на локалната самоуправа.

Контролите ќе се реализираат врз основа на повеќе закони, меѓу кои Законот за локалната самоуправа, Законот за комуналните дејности, Законот за јавна чистота, Законот за управување со отпад, Законот за животната средина, Законот за инспекциски надзор, Законот за ветеринарно здравство, како и Одлуката за комунален ред на Општина Македонска Каменица.

Активностите се спроведуваат и согласно Договорот за меѓуопштинска соработка помеѓу Општина Македонска Каменица и Општина Делчево, со цел унапредување на инспекцискиот надзор во областа на животната средина.

Инспекциските контроли ќе бидат насочени кон:

-отстранување на хаварисани, нерегистрирани и напуштени возила од јавни површини;

-отстранување на огревни дрва, градежен материјал, отпад и други предмети од тротоари, улици, паркинзи и други јавни површини;

-спречување на загадување и нарушување на јавната чистота;

-одгледување и чување на живина, свињи и други домашни животни спротивно на законските и општинските прописи.

Се повикуваат сите граѓани, како и правните и физичките лица, во рок од 15 дена од објавувањето на ова соопштение, доброволно да ги отстранат утврдените неправилности и да постапат согласно важечките прописи.

По истекот на наведениот рок, надлежните инспекциски служби ќе спроведуваат контроли и ќе преземаат соодветни мерки согласно законските овластувања, вклучително изрекување опомени, донесување решенија, издавање прекршочни налози и поведување соодветни постапки.

Општина Македонска Каменица апелира до сите граѓани со одговорно однесување да придонесат за почиста, побезбедна и поздрава животна средина.

Local News