Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, информира дека продолжува реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти насочени кон подобрување на условите за живот и безбедноста на граѓаните.
Како што посочи таа, во рамки на доискористувањето на средствата од кредитот на Светска банка од 2021 година, во тек се активности за поставување нова хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на улиците „Александар Македонски“, „Осоговска“, „Илинденска“ и „Македонска“, како и изградба на нов тротоар на улицата „Осоговска“.
Паралелно, се изведуваат работи и на изградба на пешачки тротоар што ќе ја поврзе Македонска Каменица со населбата Павлиш Дол, со цел да се подобри безбедноста на пешаците и поврзаноста меѓу населените места.
Стаменкова информираше дека во населбата Горна Река интензивно се гради и нов детски парк, кој ќе обезбеди современ и безбеден простор за игра и рекреација на најмладите.
Во наредниот период, според најавите, ќе започне и реконструкцијата на фонтаната и поплочувањето на дел од градскиот плоштад, со што централното градско подрачје ќе добие помодерен и пофункционален изглед.
Градоначалничката нагласи дека општината останува посветена на континуирани инвестиции и реализација на проекти кои придонесуваат за современ развој и поквалитетен живот на граѓаните.