Општина Македонска Каменица продолжува со реализација на мерки насочени кон подобрување на условите за домување и зголемување на енергетската ефикасност на станбените објекти.
На првиот Јавен повик во рамки на проектот „Енергетско ефикасни домови“ пристигнале шест апликации, при што сите ги исполниле условите и продолжуваат во следната фаза од постапката.
За одобрените апликации ќе биде изработена потребната проектна документација од страна на Хабитат Македонија. Во моментов документацијата за станбената заедница „Каменичка 18“ е во завршна фаза, започнува подготовката за „Каменичка 20“, додека за останатите четири заедници се очекува изработка на документацијата во текот на ноември.
Преку оваа програма, Општина Македонска Каменица обезбедува значителна финансиска поддршка за енергетска обнова на колективните станбени објекти, со субвенции до 40 проценти од вкупната инвестиција, односно до максимален износ од 1 милион денари по одобрена апликација.
„За оваа намена Општина Македонска Каменица одвојува рекордни средства во државата“, истакна градоначалничката Соња Стаменкова, повикувајќи ги и останатите жители од колективните станбени згради да формираат Заедници на сопственици и да се подготват за следниот јавен повик во 2027 година.
Целта на проектот е создавање поефикасни, поуредни и поквалитетни услови за живеење, со намалување на енергетските загуби и подобрување на животната средина во Македонска Каменица.