Во последниот меч во сезоната за двете екипи, кошаркарите на Работнички беа сигурни против составот на Ангели (99:84) во петтото коло од плејаут фазата во МТЕЛ Супер лигата.
На затворањето на оваа натпреварувачка сезона, Работнички го потврди својот постоечки квалитет и без особени проблеми, се прости од своите навивачи, со убедлив триумф над последно пласираната екипа во Плеј-аут лигата.
Во редовите на Работнички импресивен индивидуален ефект реализираше Роберт Рикиќ, кој своето последно сезонско издание го валоризира со индекс 50, извесно најголем во лигата и низ мечевите кои се зад нас. За повеќе од 33 минути на теренот во салата „Лазар Лечиќ“, застана на учинок од 31 поен, имаше и 18 скокови, четири асистенции, и по две освоени и загубени топки.
Ефремовски потврди дека е прв стрелец во лигата, даде 24 поени, во рамките на неговиот просек. Во гостинскиот тим, Кечовски постигна 24 поени, Стефанов заиша 21 (плус осум скокови и четири асистенции), а Настовски забележа 13 поени и пет скокови.
Екипите на Гостивар, Феникс 2010 и Ангели во наредната сезона ќе настапуваат во Првата македонска лига.
МТЕЛ“ СУПЕР ЛИГА-МАЖИ
ПЛЕЈ-АУТ
РЕЗУЛТАТИ 5.КОЛО
Гостивар – Чаир 2030 107:72
Феникс 2010 – МКК Куманово 92:98
Работнички – Ангели 99:84
ТАБЕЛА
1.МКК Куманово 27 15 12 2238:2153 44
2.Чаир 2030 27 13 14 2184:2282 40
3.Работнички 27 12 15 2258:2207 39
4.Гостивар 27 9 18 2068:2156 36
5.Феникс 2010 27 9 18 2141:2215 36
6.Ангели 27 2 25 1750:2395 29