Уште само неколку денови остануваат до локалните избори 2025. Во обид граѓаните што подобро да ги запознаат кандидатите за градоначалници и носители на советничките листи, нашата редакција направи разговор со повеќемината од нив. Во продолжение објавуваме разговор со носителката на советничката листа во Штип од редовите на СДСМ, Галаба Вереса Димова.
Во продолжение 10 прашања и одговори:
1. За оние што не ве познаваат која е Галаба Вереса Димова?
-Мајка на две деца. По професија сум дипломиран протетичар специјализиран за работа во фиксна протетика, повеќе од дваесет години сум професор во СОУ „Јане Сандански“. Да работите во образованието е една од клучните работи во едно општество затоа што таму се создаваат и градат младите генерации, нашата иднина. Благодарна сум што сум дел од ваквиот процес на едно општество каде што младите можеме да ги едуцираме и да им покажеме дека со образованието ќе можат да ја отворат секоја врата. Повеќе од 25 години сум член на СДСМ, а веќе повеќе од една година и секретар на мојата општинска организација.
2. Имате висока функција во вашата општинска организација на СДСМ како се носите со истата?
-Јас би рекла дека имам одговорна работа. Како секретар на ОО СДСМ Штип сум да ја организирам работата, да обезбедиме ресурси за работа но и да ја зголемеме и задржиме довербата од нашите членови и симпатизери. Десна рака на нашиот претседател Павел Иванов кој е и кандидат за градоначалник на Општина Штип. Претходно имам едно вакво искуство затоа што бев и секретар на ЛК на СДММ.

3. Дали постојат сѐ уште родови стереотипи во политиката?
-Повеќе од десет години Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија организира школа за женски активизам јас сум учесник во третата генерација на школа за женски активизам организирана од форум на жени на СДСМ. Преку оваа школа социјалдемократијата добива нова женска сила која ќе продолжи да работи за победа и напредок. Без жени нема демократија, а дали има стереотипи да нормално е дека има но затоа ние сме охрабрени да бидеме прсутни во секој сегмент во општеството. Во законодавната, извршната и судската власт. Да не има што повеќе на позиции каде што се носат клучни одлуки. Тоа за мене би било една голема победа за секоја демократска држава. Едно знам да ви кажам со сигурност: Социјалдемократијата има моќни женски лидери!
4. Вие сте и професор како е да се работи со младите генерации, дали ја гледаат иднината во градот под Исарот?
-Иднината на младите мораме ние да им ја покажеме. Морам да признам многу работи и ние учиме од нив. Тие се храбри, одлучни, имаат капацитет да ги остварат сите нивни соништа. Ме радува тоа што денес се повеќе млади се охрабруваат и градат свои кариери во приватниот сектор, некои од нив се и самите претприемачи. Перцепцијата за желбата да се работи во јавна администрација е навистина променета.
5. Што ве мотивираше да ја прифатите кандидатурата за носител на советничка листа, тоа е огромна одговорност?
-Мојата кандидатура ја прифатив затоа што тоа го бараа нашите членови и симпатизери на OO СДСМ Штип. Бев член на советот на Општина Штип од 2009 до 2013 ги знам потребите на граѓаните, но ја знам и улогата на Советот во нашиот град.
6. На што ќе се темели вашата работа во Советот на Општина Штип?

-Нашата едниствена работа ќе биде да ги зачуваме интересите на граѓаните и да го заштитиме градот од урбанистичкиот хаос кој веќе навистина е започнат. Ние ќе бидеме гласот на народот затоа што нашите сограѓани ќе ни ја дадат довербата, а ние таа моја да ја оправдаме. Јавно, со име и презиме, ќе ги известуваме граѓаните што е сработено, каде има проблеми при реализација и кој е одговорен. Советот нема повеќе да биде далечна институција, туку сервис и алатка за промени.
7. Кои проекти се клучни во вашата програма за Локалните избори 2025?
-Имаме визија и сеопфатен план за целосна трансформација на Штип во град кој е економски подинамичен, социјално поправеден, поздрав, позелен и институционално помодерен. Би ги споменала проектот за субвенционирање и поддршка на инсталација на соларни системи од 6kW со батериски систем за складирање во секое домаќинство во Штип. Целта е да се намалат месечните трошоци, да се зголеми енергетската независност и да се поттикне транзицијата кон обновливи извори на енергија, проектот пак дом за пензионери „Златна Есен“ со кој ќе покажеме дека се грижиме за нашите најмили ќе се изгради и стави во функција модерен пензионерски дом од павилјонски тип со капацитет од 120 легла, кој ќе нуди висок квалитет на живот, 24-часовна грижа и безбедност за повозрасните граѓани во Штип. Третиот клучен проект за мене е „Дом за млади парови“ со овој проект обезбедуваме поддршка за млади парови од Штип, преку пристап до достапно домување. Општината би била партнер со општествено одговорни компании кои би граделе станбени единици на општински парцели. Општината со давањето на општински парцели по повластени цени ќе ги обврзе компаниите продажбата на становите да го објавува по пониски цени од пазарните со намена истите да бидат за млади парови. За мене ова се клучните проекти кои што даваат тежина на нашиот план и програма во наредните четири години.
8. Дали има одлуки, проекти, некоја работа што ве прави посебно горди?
-Посебно горда ме прави тоа што бев учесник во активности во проектот WoMen Lead, жени во политиката во организација на НДИ со поддршка на Амбасадата на Шведска. Родовата еднаквост и еднаквоста на жените и мажите сметам дека е едно од најважните прашања од областа на човековите права, но и предуслов и показател за развој на демократијата во една држава во чиј епицентар е човекот.
9. Што би им порачале на младите генерации дали вреди да се инволвираат во политика?

-Ако младите имаат желба да го променат системот тие треба да бидат креатори на јавното мислење и двигател на промените. Имаме младина која е способна да застане и да води големи политички прашања. Преку граѓански активизам, младински совети тие можат да бидат лидери со моќно влијание на системот на државата.
10. Дали се доволни 24 часа во еден ден за да ги одиграте сите улоги професор, мајка, секретар на ОО СДСМ Штип и носител на советничка листа?
-Ова се сите работи што ме прават жива и исполнета. Без овие улоги нема да бидам Галаба Вереса Димова носител на Советничката листа на ОО СДСМ Штип.