06.10.2026

Општина Македонска Каменица со финансиска поддршка за енергетски ефикасни фасади и реконструкција на кровови

Share

Општина Македонска Каменица објави Јавен повик за субвенционирање на изработка на проектна документација, поставување енергетски ефикасни фасади и реконструкција на кровови на станбени згради за колективно домување.

Повикот се реализира во рамки на проектот „Енергетско ефикасни домови“, чија цел е подобрување на енергетската ефикасност и условите за домување во станбените објекти на територијата на општината.

За реализација на одобрените проекти, Општина Македонска Каменица ќе обезбеди финансиска поддршка во висина од 40 отсто од вкупната вредност на инвестицијата, но најмногу до 1.000.000 денари по апликација.

Останатите средства, односно најмалку 60 отсто од вредноста на инвестицијата, треба да ги обезбедат сопствениците на посебните делови во станбената зграда.

Кој може да аплицира?

Право на учество имаат заедниците на сопственици и сопствениците на посебни делови во станбени згради управувани од управител, доколку ги исполнуваат условите предвидени со Јавниот повик и ја достават потребната документација.

Меѓу главните услови се станбената зграда да биде постара од 25 години, најмалку 70 отсто од станарите да потпишале изјава за учество во проектот, да има донесена одлука за реконструкција и воведување мерки за енергетска ефикасност, како и сопствениците да го обезбедат сопственото учество од најмалку 60 отсто од вкупната инвестиција.

Право на учество немаат станбени згради за колективно домување со помалку од два ката со приземје.

Потребна документација

За аплицирање потребно е да се достави пополнета апликација, решение од Централниот регистар за упис на заедницата на сопственици, документација за управителот доколку зградата е управувана од управител, потврда за упис во соодветниот регистар, изјави и одлуки согласно обрасците од Јавниот повик, како и докази за сопственост.

Целосната листа на потребната документација е наведена во Јавниот повик и обрасците за аплицирање.

Рокот за аплицирање е 20 дена од денот на објавувањето на Јавниот повик.

Повикот и потребните обрасци можат да се подигнат во Архивата на Општина Македонска Каменица или да се преземат од официјалната веб-страница на Општината.

Апликациите со потребната документација се доставуваат во затворен плик во Архивата на Општина Македонска Каменица, секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот, или по пошта на адреса: ул. „Каменичка“ бр. 2, Македонска Каменица.

На пликот треба да стои назнаката: „За Јавен повик за субвенционирање и поддршка на проектот Енергетски ефикасни домови во Општина Македонска Каменица“.

Дополнителни информации заинтересираните можат да добијат на телефонскиот број 078/309-978, од 7:30 до 15:30 часот, или преку електронската адреса на Општината.

Апликациите со нецелосна документација, како и оние доставени по истекот на рокот, нема да бидат разгледувани.

Од Општина Македонска Каменица ги повикуваат сите заедници на сопственици кои ги исполнуваат условите да ја искористат можноста за финансиска поддршка и преку реконструкцијата на своите објекти да придонесат за поголема енергетска ефикасност и подобри услови за домување.

Local News