Општина Македонска Каменица продолжува со реализација на редовните активности за заштита на јавното здравје и одржување на чиста и безбедна животна средина за граѓаните.
Како дел од превентивните мерки, во текот на утринските часови беше извршена дератизација на градската канализациска мрежа и просторот на градската депонија. Со третманот беа опфатени повеќе од 150 канализациски шахти, како и целата површина на депонијата.
Активноста ја реализираа стручни екипи од ДООЕЛ „ТОКСИ-ВЕТ“ од Скопје, во соработка со ЈП „Камена Река“.
Дератизацијата се спроведува согласно Програмата за заштита на населението од заразни и други заболувања, со цел намалување на бројноста на глодари и спречување на можни ризици од ширење заразни заболувања.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, посочи дека грижата за здравјето на граѓаните и создавањето безбедна и уредна животна средина остануваат меѓу приоритетите во работата на локалната самоуправа.
„Продолжуваме со активности кои придонесуваат за чиста и безбедна Македонска Каменица и подобри услови за живот на сите наши сограѓани“, наведува Стаменкова.