06.10.2026

Класичните автомобили пристигнуваат во Македонска Каменица, градот домаќин на завршницата на „VM Classic Rally“

Share

Македонска Каменица ќе биде центарот на автомобилската приказна во недела, 4 октомври, кога ќе биде домаќин на завршницата на „VM Classic Rally – Bimmer vs Merc“, настан кој ги обединува љубителите на класичните автомобили и автомобилската култура.

Релито ќе започне од Скопје, ќе продолжи преку Свети Николе, а крајната дестинација ќе биде Македонска Каменица, каде учесниците се очекува да пристигнат околу 12:30 часот на паркингот кај болницата.

По пристигнувањето, предвидено е дефиле низ градските улици, изложување на возилата и натпревар во спретно возење, што ќе им овозможи на граѓаните одблизу да ги погледнат атрактивните класични автомобили.

Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, изрази задоволство што градот ќе биде дел од овој интересен настан и ги повика граѓаните да присуствуваат и да им посакаат добредојде на учесниците.

„Секогаш сме отворени за настани кои носат нови содржини, посетители и убави моменти во Македонска Каменица“, порача Стаменкова.

Очекувањата се дека настанот ќе донесе дополнителна содржина за градот, но и можност Македонска Каменица да се претстави како атрактивна дестинација за различни видови манифестации.

Local News