Манчестер Јунајтед славеше со 3-2 против Нотингем Форест на „Олд Трафорд“ во натпревар исполнет со возбудувања, пресврти и емоции, а вечерта дополнително ја одбележа и збогувањето на Каземиро со домашната публика.
Навивачите на „црвените ѓаволи“ му приредија посебен пречек и испраќање на искусниот Бразилец, кој го одигра својот последен натпревар на „Олд Трафорд“ во дресот на Манчестер Јунајтед. Атмосферата на трибините беше емотивна уште пред почетокот на мечот, а фудбалерите потоа се погрижија за вистинско шоу на теренот.
Домаќините одлично го отворија натпреварот и поведоа уште во петтата минута. По одбиена топка во шеснаесетникот, Лука Шо најдобро се снајде и со силен удар ја затресе мрежата за рано водство на Јунајтед.
Нотингем Форест се обиде брзо да возврати, а најопасен беше Гибс-Вајт, но голманот Ламенс сигурно интервенираше. На спротивната страна, Манчестер пропушти голема можност за 2-0 кога Ембуемо ја погоди стативата откако претходно го мина противничкиот голман.
До крајот на првото полувреме двете екипи создадоа уште неколку шанси, но резултатот остана непроменет.
Гостите многу подобро влегоа во вториот дел и во 53-тата минута стигнаа до израмнување. Андерсон испрати одличен центаршут, а Морато беше највисок во скокот и погоди за 1-1.
Сепак, радоста на Нотингем траеше многу кратко. Само две минути подоцна Манчестер повторно дојде до предност. Ембуемо уште еднаш направи проблеми во одбраната на гостите, а топката на крајот стигна до Куња кој сигурно реализираше за 2-1.
Ембуемо продолжи да биде еден од најдобрите поединци на теренот, а својата добра игра ја круниса и со погодок во 76-тата минута. По прецизен центаршут на Бруно Фернандеш, напаѓачот одлично реагираше и погоди за 3-1.
Со оваа асистенција, Бруно Фернандеш стигна до 20 асистенции сезонава и се израмни со рекордот што го држат Тиери Анри и Кевин де Брујне.
Нотингем не се откажа и само две минути подоцна повторно внесе неизвесност во мечот. Андерсон повторно беше асистент, а Гибс-Вајт погоди за 3-2 и ги врати гостите во игра.
Во финишот Манчестер имаше уште неколку шанси преку Патрик Доргу, додека Нотингем се закани преку Авонији, но резултатот остана непроменет и трите бода останаа на „Олд Трафорд“.