Денес ја одржавме четвртата и завршна сесија на Проектниот форум и со тоа заокруживме еден навистина значаен процес на директно учество на граѓаните во носењето одлуки за Македонска Каменица, кажа градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
-По гласањето, најмногу поени доби проектот ЕКО пазар во Македонска Каменица – 20 поени, Училишниот кампус доби 18, а Музејот на рударство 10 поени.
Но, за мене е особено важно што форумот не завршува само со ова гласање. Од граѓаните произлегоа и десет конкретни препораки до Општината, кои се однесуваат на младите, инфраструктурата, животната средина, водоснабдувањето, спортот и развојот на туризмот.
Овие препораки се директен израз на потребите на нашите сограѓани и ќе бидат важен патоказ при планирањето на идните активности на Општина Македонска Каменица.
Им благодарам на сите граѓани кои учествуваа во четирите форумски сесии, како и на УНДП, Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа за поддршката.
Продолжуваме да работиме заедно, почитувајќи го гласот и приоритетите на граѓаните, завршува Стаменкова.