Македонска Каменица на 10 октомври ќе биде домаќин на првото издание на планинската трка „Каменица Треилс“, спортски настан со кој градот ќе се вклучи на мапата на планинските трки во регионот.
Учесниците ќе имаат можност да избираат меѓу две патеки што започнуваат и завршуваат во центарот на Македонска Каменица. Првата, „Буов Треил“, е долга 15 километри со 700 метри висинска разлика и води низ шумските предели околу Буов Рид. Втората, „Сива Кобила Треил“, е наменета за поискусните натпреварувачи и опфаќа 33 километри со 1.800 метри висинска разлика, минувајќи низ врвовите Сива Кобила и Чуката.
По повод најавата на настанот, градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, порача дека „Каменица Треилс“ претставува почеток на нова традиција што ќе ја промовира општината како атрактивна дестинација за планински спортови и активен туризам.
„Од Осогово кон светот… На 10 октомври 2026 година започнува една нова традиција со која Македонска Каменица ќе го најде своето место на мапата на планинските трки. Добредојдовте на патеките каде природата станува предизвик, а секој чекор – приказна“, истакна Стаменкова.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на планинското трчање и природата да бидат дел од премиерното издание на настанот, кој има за цел да ја промовира убавината на Осоговието и туристичките потенцијали на Македонска Каменица.