Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, денес ја посети Територијалната противпожарна единица во градот, каде беше извршена испорака и демонстрација на пет нови изолациони (дишни) апарати.
Опремата е од реномираниот производител Дрегер, обезбедена преку компанијата Армор Плус, со вкупна вредност од 585.000 денари со вклучен ДДВ.
Како што беше истакнато, станува збор за современа заштитна опрема која ќе им овозможи на пожарникарите побезбедно и поефикасно дејствување во услови на пожар, чад и други опасни ситуации.
Стаменкова нагласи дека оваа инвестиција претставува уште една потврда за континуираната посветеност на Општината кон јакнење на капацитетите на службите кои секојдневно се грижат за безбедноста на граѓаните.
Таа додаде дека општината останува цврсто определена за понатамошни вложувања во противпожарната заштита, при што до крајот на годината е предвидена набавка на дополнителна опрема за потребите на ТППЕ.
Од локалната самоуправа порачуваат дека силна и опремена противпожарна единица значи и посигурна и побезбедна Македонска Каменица за сите граѓани.